Евроинтеграции

Одлуката на Брисел за Мицкоски е диктат, за Филипче катастрофа

26.09.2024 14:57

Тирана ќе отвора кластери, Брисел чека Скопје да ги исполни критериумите. Премиерот Мицкоски гледа диктат. Вели, не треба да се прават отстапки и да се прифаќаат услови без гаранции. За опозицијата, раздвојувањето од Албанија е катастрофа за иднината на граѓаните…

Лоша порака кон македонските граѓани, се работи за диктат, вака премиерот Мицкоски ја коментира одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон Европската Унија. Откри дека ова му било соопштено и на средбите со европските челници, при неговата посета во Брисел. На евроинтегративниот пат како држава направивме многу работи кои никој не ги направил, а не се поврзани со копенхашките критериуми, рече Мицкоски, додавајќи дека ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Го дели мислењето на огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе да прифаќаме услови врз основа на национални отстапки, без гаранции.

Раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон Европската унија е тежок пораз на политиките на Владата, но пред сè е огромна катастрофа за иднината на граѓаните, вели лидерот на СДСМ. Филипче додаде дека сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред и според него, најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. Лидерот на социјалдемократите е убеден дека со промената на Уставот, што е услов од преговарачката рамка, како држава ништо нема да изгубиме, туку напротив, ќе добиеме.

Од владиниот коалициски партнер „Вреди“ сметаат дека одлуката на Европската комисија и заостанувањето во преговорите за членство не е добро, но за Владата врвен приоритет остануваат евроинтеграциите.

И спикерот Гаши и првиот вицепремиер Меџити веруваат дека брзо ќе се најде решение, но без конкретен одговор дали ќе вршат притисок за носење на уставните измени.

 

Милчо Велески