Бугарија

Позитивни реакции во Софија по одлуката на Брисел, усвоена декларацијата за Македонија

26.09.2024 15:00

Лавина реакции за одлуката и во Софија. Поранешните премиери Борисов и Петков сметаат дека ова е показател оти во Брисел имало разбирање за бугарските позиции и оти нашата страна треба да ја спроведеме преземената обврска за уставни измени. Во меѓувреме, бугарското Собрание ја усвои декларацијата на „Преродба“...

Веста дека Брисел ги раздвои Скопје и Тирана на патот кон Европската унија предизвика бура од позитивни реакции во Бугарија. Тамошните политичари ги повикаа властите во Македонија да го почитуваат договорот за добрососедство, и да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или нашиот пат кон ЕУ ќе остане затворен.

„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека се што направивме во ЕПП, во ЕУ и во ЕК, многу добро сме слушнале. Така функционираат европските институции. Тие ни се закануваат, тие не навредуваат, а резултатот е дека Албанија оди напред, го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Република Северна Македонија мора да го издржат или да го издржат она што нивното однесување им го создаде до денес“, изјави Бојко Борисов – претседател на ГЕРБ.

И поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, оцени дека францускиот предлог се покажал како многу добар за Бугарија.

„Реално, целата ЕУ застана на страната на Бугарија и РСМ мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или во спротивно патот кон Европа и се затвора“, изјави Кирил Петков – копретседател на ПП.

Отсега Македонија има два пата – вели лидерот на „Преродба“ Костадинов. Или ќе ги признае Бугарите како државотворен елемент на својата земја или ќе останат надвор од преговарачкиот процес.

„Македонската држава, особено по изборите, одбива да ги исполни договорите како со Бугарија така и со нашите партнери во ЕУ“, изјави Костадин Костадинов – претседател на „Преродба“.

Во меѓувреме, бугарското Собрание ја усвои декларацијата на „Преродба“ за осуда на антибугарските изјави од политичари во земјава и за одбивањето да се исполнат условите од преговарачката рамка.

 

Андријана Ѓурческа