Израел

Нетанјаху: Продолжуваме да го удираме Хезболах со полна сила

27.09.2024 08:39

Нетанјаху пред Генералното собрание на ООН во обид да ги оправда целите на нападите врз Хезболах и Хамас. По пристигнувањето во Њујорк изјави дека ќе продолжи со операциите сè додека не се постигнат целите на војната отфрлајќи го предлогот на САД и сојузниците за привремен прекин на огнот во Либан...

Обраќање на израелскиот премиер Нетанјаху пред Генералното собрание на ООН во обид да ги оправда целите на нападите врз Хезболах и Хамас. По пристигнувањето во Њујорк изјави дека ќе продолжи со операциите сè додека не се постигнат целите на војната отфрлајќи го предлогот на САД и сојузниците за привремен прекин на огнот во Либан.

„Нашата политика е јасна. Продолжуваме да го удираме Хезболах со полна сила и нема да застанеме додека не ги постигнеме сите наши цели, меѓу кои главна е безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Белата куќа тврди дека примирјето во Либан било „координирано“ со Израел, и покрај тоа што подоцна Ерусалим го отфрли.

„Ги видов неговите коментари. Но, сè што можам да ви кажам е дека немаше да работиме на таа изјава и да ја објавиме ако не беше поддржана од претходни разговори што ги водевме со највисоките израелски официјални претставници“, изјави Џон Кириби – портпарол на Советот за национална безбедност.

Либан предупреди дека континуираното насилство може да се претвори во црна дупка што го проголтува регионалниот и меѓународниот мир и безбедност. Во истовреме сирени за опасност продолжија да се огласуваат на двете страни од сината линија.