БЛИСКИ ИСТОК

Израел ќе продолжи да го напаѓа Хезболах, порача Нетанјаху од Њујорк

27.09.2024 10:01

И покрај гласните повици од меѓународната заедница, израелскиот премиер Нетанјаху не отстапува. Од Њујорк порача дека не се откажува од операциите против милитантите на Хамас и Хезболах.

Обраќање на израелскиот премиер Нетанјаху пред Генералното собрание на ООН во обид да ги оправда целите на нападите врз Хезболах и врз Хамас. По пристигнувањето во Њујорк тој фрли сомнеж врз предлогот на САД и сојузниците за привремениот мир со Либан, но подоцна беше соопштено дека неговиот тим продолжува со разговорите за американската иницијатива.

„Нашата политика е јасна. Продолжуваме да го удираме Хезболах со полна сила и нема да застанеме додека не ги постигнеме сите наши цели, меѓу кои главна е безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Потврда за продолжените дискусии пристигна и од Белата Куќа. Велат, примирјето било во координација со Израел.

„Немаше да дадеме изјава и да ја објавиме ако не беше поддржана од претходни разговори што ги водевме. Да не верувавме во сериозноста на дискусиите што ги имавме вчера и денес со израелскиот тим немаше да изјавиме такво нешто. Што ги поттикна коментарите на премиерот? Само тој може да каже“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Во истовреме повиците за прекин на насилствата доаѓаат од сите страни. Либан предупреди дека конфликтот може да се претвори во црна дупка што го проголтува регионалниот и меѓународниот мир и безбедност. Побара прекин на огнот на сите фронтови.

„Бараме итна меѓународна интервенција пред работите да излезат од контрола и да предизвикаат домино ефект. Ситуација во Либан го навестува најлошото за целиот Блиски Исток. Затоа бараме да се преземат сите мерки и да се стави во сила понудениот предлог на САД и Франција“, рече либански министер за надворешни работи, Абдалах Бохабиб.

Се огласи и францускиот претседател. Макрон вели дека би било грешка Нетанјаху да не го прифати предлогот. Повторен повик за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах упатија и Велика Британија и Австралија.

„Нетанјаху треба да ја слуша меѓународната заедница, исто како и другите играчи во тој регион. Повиците се многу јасни кога САД, Австралија, Обединетото Кралство, Канада и други нации-сите повикуваат на деескалација на овој конфликт, светот е навистина загрижен“, изјави австралискиот премиер, Ентони Албанес.

Во истовреме, сирени за опасност продолжија да се огласуваат на двете страни од сината линија. Во синоќешниот напад врз Бејрут елиминиран е уште еден командант на Хезболах. Главен приоритет за Тел Авив сега останува спречувањето на сите трансфери на оружје од Иран во Либан за милитантите, изјави началникот на израелските воздухопловни сили.

Висок официјален претставник на ОН изрази длабока загриженост за непријателствата долж сината линија во Либан.

 

Бојана Крстевски