Израел продолжува со нападите во Либан
Контрадикторни изјави за договорот за привремен мир во Либан предложен од САД и сојузниците. Нетанјаху тврди нападите против Хезболах ќе продолжат до постигнување на целта. Вашингтон вели примирјето е во координација со Израел. Во исчекување на говорот на израелскиот премиер во Генералното собрание на ООН, насилствата продолжија преку сината линија. И двете страни јавуваат за жртви и повредени...

Светот во исчекување на говорот на израелскиот премиер Нетанјаху во Генералното собрание на ООН, откако неговата канцеларија соопшти дека ги споделува целите на мировниот план предводен од САД за привремениот мир во Либан. Сепак, неговата изјава по пристигнувањето во Њујорк фрли сомнеж за постигнување евентуален договор. Од Белата куќа велат-не се сигурни што ја поттикнало изјавата на премиерот, но тврдат дека примирјето е во координација со Израел.
„Продолжуваме да го удираме Хезболах со полна сила и нема да застанеме додека не ги постигнеме сите наши цели, меѓу кои главна е безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Да не верувавме во сериозноста на дискусиите што ги имавме вчера и денес со израелскиот тим немаше да изјавиме такво нешто. Што ги поттикна коментарите на премиерот? Само тој може да каже“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Се огласи и Макрон, вели-би било грешка Нетанјаху да не го прифати предлогот.
„Не ги сметам за дефинитивни забелешките што тој ги кажал во Њујорк. Пред само неколку часа се одржа првична средба со државниот секретар Блинкен. Нашите контакти ќе ги продолжиме во тесна координација со нашите американски партнери, сите мобилизирани партнери вклучително и Канада, и повторно со разменување со Израелците, ќе направиме сè што можеме за да обезбедиме прифаќање на овој предлог“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Во истовреме непријателствата меѓу Израел и Хезболах продолжија со несмалено темпо. И двете страни јавуваат за жртви и повредени во најновите ракетни напади. Главен приоритет за Тел Авив останува спречувањето на сите трансфери на оружје од Иран за милитантите. Либан предупреди дека конфликтот може да се претвори во црна дупка што ќе ги проголта регионалниот и меѓународниот мир и безбедност.
„Бараме итна меѓународна интервенција пред работите да излезат од контрола и да предизвикаат домино ефект. Ситуација во Либан го навестува најлошото за целиот Блиски Исток. Затоа бараме да се преземат сите мерки и да се стави во сила понудениот предлог на САД и Франција“, изјави Абдалаб Бохабиб, либански министер за надворешни работи.
Повторен повик за прекин на огнот упатија и Велика Британија и Австралија. Велат-повиците се многу јасни кога пристигнуваат од сите нации. Во сенка на случувањата во Либан, луѓето во Газа постојат, а не живеат-изјави генералниот секретар на ООН Гутереш, додавајќи дека единствената надеж за пеколниот пејзаж во енклавата е агенцијата УНРВА која Израел се обидува ја исели од Источен Ерусалим означувајќи ја како терористичка организација.
Бојана Крстевски
