МРТ по осми пат домаќин на средношколци од повеќе градови од земјава
Никогаш во историјата не се памети поголема достапност до информации, во исто време, никогаш претходно не било потешко да се дојде до вистината. Во време кога информацијата е клучен фактор за носење на нашите одлуки, важно е да се избере кој медиум ќе се следи и како да се направи проверка на точноста на содржината. Македонската телевизија, по осми пат беше домаќин на средношколци од земјава.

Ништо не е како што изгледа. Телевизијата е магија и за новата генерација која најчесто се информира од мобилен телефон. Воодушевени од големите осветлени студија, изненадени од тоа колку време е потребно за да се направи прилог од две минути, ученици од неколку средни училишта во земјава, на медиумскиот ден имаа можност да се запознаат со оваа професија.
Сепак, при посетата на јавниот сервис, колегите одвоија најмногу време за да им објаснат како најлесно да препознаваат вистинити од лажни вести.
Информацијата носи мир и создава војна. Ова е клучно време кога сите сме во потрага по вистината. Медиумите повеќе не се кутии што нудат содржина за релаксирање, туку мора да се сфатат сериозно оти од тоа што од нив се добива како информација, сите ние, и млади и повозрасни го креираме нашите одлуки.
Македонската телевизија, по осми пат домаќин на ученици од повеќе градови од земјава. Задоволни од она што го видоа и слушнаа, учениците си заминаа од јавниот сервис. Некои од нив, со желба за идна професија да го одберат токму новинарството.
Александра Спировска
