Љутков: Отвораме ново поглавје во развојот на македонско-унгарските културните врски
Љутков информираше дека е заедничка заложбата културното наследство и актуелното творештво на двете држави да бидат повидливи пред јавноста, за што во наредниот период ќе се организираат денови на македонската и на унгарската култура...

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид оствари билатерална средба со својот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, кој е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбан, која е во дводневна посета на нашата земја.
Министрите Љутков и Ханко потврдија дека оваа посета и денешната средба сè уште еден значаен момент во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено за македонско-унгарска соработка во областа на културата и туризмот преку конкретни активности.
Љутков информираше дека е заедничка заложбата културното наследство и актуелното творештво на двете држави да бидат повидливи пред јавноста, за што во наредниот период ќе се организираат денови на македонската и на унгарската култура. За таа цел ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка, со што ќе се овозможи континуирана промоција и претставување на културните институции во двете држави.
Тој ја поздрави и подготвеноста на министерот Ханко за споделување на унгарските искуства од реализацијата на манифестацијата „Веспрем – европска престолнина на културата за 2023 година“, како и за интензивирање на соработката меѓу двете канцеларии на програмата „Креативна Европа“.
Заклучоците од билатерална средба на министрите Љутков и Ханко беа презентирани и на заедничката седница на владите на Северна Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Орбан и Мицковски ја поздравија соработката и дадоа силна поддршка за инвестирање во културата која, како што рекоа, е симбол на идентитетот и душата на секоја држава.
