Изградба на брза пруга на Коридорот 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, најави Николоски
По најавите на министерот за транспорт и врски Александар Николоски дека пропадна тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, денеска во Охрид, македонскиот и унгарскиот министер разговараа за изградба на брза пруга на Коридор 10, поврзување на Скопје со Будимпешта, со пристаништето во Грција и со земјите од Централна Европа...

Изградба на брза пруга на Коридорот 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта. Ова го најави министерот за транспорт Александар Николоски по средбата со неговиот колега од Унгарија, министерот за градежништво и инвестиции Јанош Лазар. Со оваа пруга Македонија ќе се поврзе со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа.
„Ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи, не само за нас туку и за земјите по должина на Коридорот 10“, рече Николоски.
Министерот Николоски рече и дека изградбата на железница кон Бугарија бил прескап проект за македонски услови, особено што се работело за „бавна пруга“.
Економските експерти сметаат дека не треба тука да застанеме и мора да се оди напред. Железничкото поврзување и е потребно на Македонија за економско зајакнување на земјава.
Од македонската Влада ја потенцираат важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на крупни проекти, за подобра комуникација со земјите од регионот.
Борис Грујоски
