Околу 140 ученици од „Ѓорѓија Пулевски“ со симптоми на труење, кујната во училиштето затворена
Сите одат во целодневна настава и во училишната кујна-јаделе мусака и бомбици. Симптомите ги добиле во вечерните часови. Директорот на училиштето го пријавил случајот до надлежните институции...

Околу 140 деца од прво до трето одделение од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ со стомачни болки, повраќање и дијареја се на домашно лекување поради сомнеж од труење со храна. Сите одат во целодневна настава и во училишната кујна-јаделе мусака и бомбици. Симптомите ги добиле во вечерните часови. Директорот на училиштето го пријавил случајот до надлежните институции.
„Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме појадокот денеска. Повикавме надлежни институции, се изврши вонреден инспекциски надзор и чекаме резултати“, вели Александар Филипчев – директор на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“.
Денеска во училиштето имаше настава. Часовите завршија порано само за оние ученици кои посетуваат целодневна настава.
Кујната во училиштето остана затворена, топол оброк не се служеше. Надлежните зедоа брисови од површините каде што се хранат учениците.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврдија дека имаат сознанија за труење со храна во ова училиште.
„Одделението за епидемиологија известено е од матичен лекар дека три деца -ученици во тоа училиште веќе се јавиле на преглед и ќе бидат доставени пријави за заразно заболување“ – стои во соопштението на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Првичниот сомнеж е насочен кон добавувачот на храна. Резултатите од брисовите треба да покажат што ги предизвика симптомите на труење кај учениците.
Андријана Ѓурческа
