Либан

Дожд од проектили врз предградијата на Бејрут, расте бројот на жртви

27.09.2024 18:21

И покрај најавите за прекин на огнот и меѓународниот притисок, израелското гранатирање на Либан не престанува. Дожд од проектили врз предградијата на Бејрут, каде што наводно е штабот на Партијата на Господ, проиранската Хезболах. Се бројат жртвите, досега се околу 800. Либанците, особено сунитите, бегаат кон Сирија. На сесијата на Генералното собрание на ОН се обрати и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Тотален хаос во Либан, ракетите лансирани од израелската армија немаат име. Не се знае од каде ќе долета и каде ќе падне проектилот. Либанците масовно пребегнуваат кон Сирија, но бегалци има и кон засолништата во Бејрут.

„Во соседството, 10-мина беа убиени. Некои од нив пиеја кафе. Да ги покажам сликите како беше уништена една седумкатница“, изјави Салех Абра, бегалка од Аин Бал.

„Ова засолниште е моето училиште. Тука сум веќе три години, многу сум погодена од состојбата овде. Дојдени се 330 бегалци од југот“, вели Реине Ал-Индари, волонтерка во засолништето во Алеј.

Во пресрет на обраќањето на израелскиот премиер во светската меѓународна организација, протести низ улиците на Њујорк.

„Не постои воено решение. Не постои воено решение“, вели демонстрантка во Њујорк.

Мојата земја се бори за живот, а сега на говорницата слушнав многу лаги, одговори премиерот Нетанјаху. И за сето тоа го обвини Иран.

„Додека нè гаѓате и ние ќе ве гаѓаме. Нема место во Иран што не може да биде погодено. Ние нема да дозволиме постоење на терористичка армија на границата“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

На заседанието, не присуствуваа претставниците на арапските земји, но и други претставници. Иако бојкотиран од соседите, тој им порача, пред сè на Саудијците, дека само во мир, регионот може да доживее економски процут. Вашингтон и покрај ставот на Тел Авив го притиска Израел за прекин на нападите врз Либан.

Зоран Богатинов