Ново археолошко откритие во Самоиловата тврдина
Охридскиот свет рид е место каде што со векови се испреплетувале цивилизациите. Поради тоа овој простор е вистински рај за археолозите од кои дел истражуваат во Самоиловата тврдина, каде што покрај откриените некрополи од дванаесеттиот век за прв пат е пронајден гроб со поуникатна конструкција кој датира од доцна античкиот период, кога во овој регион се прифаќало христијанството …

Ископувањата во Самоиловата тврдина кои започнаа пред две децении се интензивираа во последните 5 години, а во фокусот е археолошкиот локалитет каде што некогаш се наоѓала резиденцијата на Џеладин Бег која била опожарена во 1831 година. Досега беа откриени некрополи кои датираат од 12 век, а годинава новина е откриениот гроб од доцноантичкиот период, односно од 4-5 век, кој е уникатен по својата конструкција и содржи прилози од периодот кога на овие простори се прифаќало христијанството, обичаите, сфаќањата за задгробниот живот и новите форми на погребување. Откриен е и мал дел од мозаик со димензии 10 на 10 сантиметри.
„Мали димензии, но доволно е да имаме индиции дека имало можеби поголем мозаик на поголема површина. За тоа сведочат расфрлените тесери во голем број пронајдени, како и еден столбец со фрески на него, коишто најверојатно би требало да бидат од околу 5-6 век, што можеби се индиции дека имаме и базилика на овој простор“, изјави Анатоли Арнаудоски, археолог-Завод и музеј Охрид.
Овој проект поради својата атрактивност веќе станува интернационален, бидејќи беше магнет за студентите по археологија од Германија и Англија кои учествуваа во процесот на откривање на некрополите.
„Археолошкиот институт за научни истражувања при универзитетот од Франкфурт ни ја овозможи оваа интернационална соработка. Многу сум среќна што учествуваме во овој проект и се надевам дека во иднина ќе реализираме повеќе истражувања во Охрид“, изјави Емилија Балческа-студен по археологија од Германија.
Како што вели Арнаудоски од гробните прилози може да се констатира социјалниот статус на погребаните лица, но и начинот на којшто се живеело во тој период во охридскиот регион.
Сашо Нелоски
