„Златна камера 300“ за Џудит Кауфман на 45. ИФФК „Браќа Манаки“
Синоќа со свечена манифестација, доделување на наградите и проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец се затвори јубилејното 45. ИФФК „Браќа Манаки“. На седумдневното филмско патување низ објективот на светски кинематографери присутните имаа можност да погледнат 65 извонредни филмови. Најпрестижната награда „Златна камера 300“, ја доби германската кинематограферка Џудит Кауфман, за филмот „Наставничка канцеларија“ …

Со доделување на традиционалните награди и проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“, на Димитар Оровчанец, се затвори 45 издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Фестивалот на вистински начин ги вреднува делата на кинематограферите. Најпрестижната награда „Златна камера 300“, за филмот „Наставничка канцеларија“, ја доби германската кинематограферка Џудит Кауфман. „Сребрена камера 300“ му припадна на Ранабир Дас од Индија за филмот „Се што замислуваме како светлина“. Филмот „Ветена земја“, на Расмус Видебек од Данска е добитник на „Бронзена камера 300“. Наградените кинематографери заради професионални обврски не беа присутни на свечената манифестација.
Сите филмови се со многу интересна фотографија, поради што ни беше многу тешко да одлучиме. Филмот „Наставничка канцеларија“ имаше многу добра кинематограферска поддршка и одржуваше добра и конзистентна слика, која волшебно ја прикажа драмата во сценариото, честитки за Џудит Кауфман „Златна камера 300“, изјави Џон Сил, претседател на жирито за главната селекција.
Неколку новитети, награди и програми го одбележаа ова издание. Специјално признание во главната селекција, доби кинематограферот Пабло Лозано, за филмот „Хрониките на една скитачка светица“. Наградата ја врачи министерот за култура и туризам Зоран Љутков. А четвртата дама во американската филмска академија-Ненси Шрајбер, се закити со посебно признание „Пионер во професијата“.
Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалски издание кое на посебен начин, вреднувајќи ги делата на фестивалските лауреати создаде трајни спомени, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град-рече на затворањето градоначалникот Коњановски.
Александра Максимовска
