Блиски Исток

Врие на Блискиот Исток, израелската одбрана тврди дека го ликвидирала лидерот на Хезболах

28.09.2024 12:49

Убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, објави израелската одбрана. Војската соопшти дека извршила прецизен воздушен напад за време на состанокот на раководството на милитантната група во седиштето јужно од Бејрут. Во жестоките напади срушени неколку згради, има загинати и повредени цивили. Иранската амбасада во Либан предупреди, последните случувања се опасна ескалација …

Врие на Блискиот Исток. Израелската одбрана тврди дека го ликвидирала лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насралах, и другите високи членови на милитантната група во Бејрут, во операцијата под кодно име „Нов поредок“. Насралах е повеќе од 30 години на чело на вооружената група поддржана од Иран која контролира голем дел од јужен Либан. Во еден од најголемите израелски воздушни напади во Либан, уништени се неколку станбени згради, регистрирани цивилни жртви и повредени

„Пораката е јасна. До секој кој им се заканува на граѓаните на државата Израел, ќе знаеме како да стигнеме, на југ, на далечни места. Овој напад беше подготвуван долго и беше изведен во вистинско време, на многу остар начин“, изјави Генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на израелската одбрана.

Битките продолжуваат. Истрелани неколку ракети кон северот на Израел. Проектил експлодирал во морето во близина на Тел Авив. Иранската амбасада во Либан вели дека последните случувања се опасна ескалација. Нападот во Бејрут го оценија како воено злосторство за кое, како што велат, треба да одговараат и Израел и САД. Од Вашингтон децидни, немаат вмешаност, ниту претходно известување, за нападот на Израел врз, како што вели израелската војска, централниот штаб на Хезболах.

„Сè уште собирам информации, можам да ви кажам дека Соединетите Држави немаа знаење или учество во акцијата на израелската одбрана. Мораме да дознаеме повеќе детали“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Зборував телефонски претходно со мојот колега во Израел, министерот Галант. САД не беа вклучени во операцијата на Израел. Немавме претходно предупредување. Мојот повик до министерот Галант се случи додека операцијата всушност веќе беше во тек. Неколку пати му реков, треба да се избегне целосна војна, а тоа е најбрзиот начин да се вратат раселените израелски и либански граѓани“, Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

САД и сојузниците претходно оваа недела предложија тринеделно примирје со надеж дека ќе се најде компромис меѓу завојуваните страни, но Израел го отфрли. Наводно, Нетанјаху прво се согласил на предлогот, но потоа се предомислил.

„Војната во Либан може да доведе до понатамошна ескалација во која ќе бидат вклучени надворешни сили. Целосно го поддржувам предлогот за привремен прекин на огнот – што ќе овозможи испорака на хуманитарна помош и ќе го отвори патот за продолжување на сериозните преговори за траен мир. Сега ни треба овој прекин на огнот. Не можеме да си дозволиме бескрајни преговори, како што имаме за Газа“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Израелскиот премиер ненадејно ја прекина посетата на Соединетите Држави и се врати дома откако претходно се обрати пред Обединетите нации ветувајќи дека кампањата на Израел против Хезболах ќе продолжи.

 

Маријана Димовска