Здравство

Почина 31-годишна родилка во Општата болница во Куманово, новороденчето е пренесено на скопска Гинекологија

28.09.2024 14:53

Во Општата болница Куманово синоќа починала 31-годишна родилка, новороденчето итно е пренесено на скопска Гинекологија. Увид извршиле екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција...

Почина 31-годишна родилка при породување во кумановската болница. Еден ден претходно била примена во болницата со прснат водењак, слаби контракции и почнато породување. Докторите чекале да добие спонтани контракции за породувањето да продолжи по природен пат, но по почнувањето на стимулацијата состојбата одеднаш се влошила, вели директорот на болницата Трајановски. Бил викнат анестезиолог за реанимација, но, за жал, срцева акција и крвен притисок веќе немало па докторите веднаш почнале операција за да го спасат бебето, додава Трајановски. Тој уверува дека доколку има докторска грешка, одговорност ќе има.

Од СВР Куманово информираа дека кај нив случајот за починатата родилка го пријавил директорот на болницата.

„Увид извршија екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата е дадено на обдукција. Обезбедена е целокупната медицинска документација за водењето на бременоста“, велат од СВР Куманово.

Додека траело породувањето имало двајца дежурни лекари, дежурна анестезиолошка екипа, стигнал и раководителот на одделот. Бебето е живо и во придружба пренесено е со неонатолог до Детската клиника во Скопје. Ова и било второ породување на родилката, првото минало без компликации. Со втората бременост бил откриен гестациски дијабет, но директорот повтори дека треба да се почека обдукцискиот наод кој ќе ги покаже причините за ненадејната смрт.

 

Фиљана Кока