Понудата на унгарскиот премиер Орбан за посредништво при спорот со Бугарија, одбиена од официјална Софија
Понудата на унгарскиот премиер Орбан за посредништво при спорот со Бугарија одбиена од официјална Софија. Останува ли Македонија сама пред последниот предизвик, какви дипломатски потези треба да се преземат?

Сосема очекувано дека официјална Софија ќе го одбие предлог на унгарскиот премиер Орбан за посредништво меѓу двете земји-согласни се искусните дипломати Ристо Никовски и Нано Ружин. Немаат никаква причина да го враќаат на почеток процесот, откако со префрлање на билатералниот спор во преговарачката рамка како што од бугарската страна беше оценето, ја постигнале целта. На потег е нашата дипломатија – оценуваат и двајцата. Сепак мислењата за начинот на кој се делува е различен. Поранешниот амбасадор Никовски со став дека следниот чекор кој нашата држава треба да го направи е да го откаже вториот протокол со Бугарија потпишан 2022-ра година. Смета дека наративот за меѓународна изолација е преценет. Во меѓувреме да бараме поддршка од сите земји членки на ЕУ.
„Ако го откажеме тој протокол, паѓа во вода и преговарачката рамка. Сакале нејќеле, Брисел ќе мора да ја менуваат, паѓа и ултиматумот за промена на Уставот и Македонија може како и сите останати да продолжи. Прво дека Македонија ќе дојде во некаква изолација се апсолутно шпекулации и манипулации со цел да не заплашат и да не стават пред свршен чин, второ кога видовме дека од Брисел и Софија не можеме да очекуваме ништо, треба да тргнеме во дипломатска офанзива, да бараме поддршка од сите соседи и полека, полека да одиме на откажување на вториот протокол кој е обичен записник, не е ратификуван. Ние сме на потег мора да се преземат радикални чекори“, изјави Ристо Никовски, поранешен амбасадор.
Ружин смета дека пропуштивме уште една шанса. Разделувањето на Македонија од Албанија во евроинтегративниот пат е неправда, вели тој и се согласува со премиерот Мицкоски за фрустрациите од понатамошните условувања. Но и порачува на власта што побрзо да се привикне на политичката реалност, и да го реши ова прашање.
„Мислам дека треба да се исполни тој договор со ЕУ независно каква политичка цена ќе плати сегашната власт. Мора да се направи напор тоа што беше партиска кампања да се заборави. Да се собере мнозинство во парламентот и да се усвои преговарачката рамка. Не значи дека јас по секоја цена за тоа, бидејќи секој од нас имаме достоинство. Но одмерувањето на силите во Меѓународната заедница и тоа што се случува во Укарина ќе нè натера да попуштиме“, изјави Нано Ружин, поранешен амбасадор.
Двајцата амбасадори согласни дека реакциите на државниот врв се оправдани, но нема време за губење.
Марина Стојанова - Тонева
