Од денеска стапува во сила Законот за нефер трговски практики
Од денеска стапува во сила Законот за нефер трговски практики. Дополнително треба да се намалат цените на производите и треба трајно да стави ред во трговијата. Опфатени се речиси 2.500 производи. До крајот на октомври во сила е и владината одлука за намалување на маржите за 10 проценти на 73 основни прехранбени продукти...

Стапи на сила Законот за забрана на нефер трговски практики. Преку ограничување на маржата до 10% за околу 2.500 прехранбени и земјоделски производи, се очекува и намалување на нивните цени. Граѓаните велат важно е законското решение соодветно да се имплементира.
Овој Закон може само делумно да ги реши проблемите, велат од Стопанската комора на Македонија.
Од овој Закон кој за прв пат се применува во Македонија, придобивки ќе имаат граѓаните, но и производителите, односно добавувачите, кои неретко досега беа уценувани од трговците, вели заменик министерот за економија Маријан Ристески.
Законот беше донесен во март годинава, а трговците и добавувачите имаа рок од 6 месеци за усогласување на договорите. Од опозициската СДСМ велат, со него ќе се заштити буџетот на граѓаните, а ќе се намали самоволието на трговците и манипулациите со цените.
Контролата за почитувањето на овој Закон ќе ја врши Комисијата за заштита од конкуренција. Во првите три месеци, за прекршувачите ќе следат опомени, а потоа ќе се изрекуваат и казни.
Марија Котовска
