Израел на готовс, ликвидиран лидерот на Хезболах
Убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насралах во израелските напади врз Бејрут. Милитантната група ја потврди смртта на водачот и најави дека ќе продолжи да се бори. Иранскиот врховен лидер Хамнеи ги повика муслиманите да му се спротивстават на израел. ЕУ препорача, авиокомпаниите да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор …

Врие на Блискиот Исток. Војската на Израел е во состојба на готовност за поширок конфликт откако во еден од најголемите воздушни напади врз Либан, во Бејрут, го ликвидираше тридеценискиот лидер на Хезболах, Саид Хасан Насрлах. Милитантната група поддржана од Иран ја потврди смртта на водачот и најави дека ќе продолжи да се бори. Иранскиот врховен лидер, Али Хамнеи ги повика муслиманите да му се спротивстават на Израел. Властите во Техеран велат дека се подготвени да ги распоредат силите во Либан и во Сирија.
„Сите сили на отпорот стојат покрај Хезболах и го поддржуваат. Силите на отпорот, предводени од гордиот Хезболах ќе одлучуваат за судбината на овој регион“, изјави врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Со ударот врз Насралах, Тел Авив се надева дека ќе избегне копнена операција во Либан, велат израелски претставници. Битките продолжија. Регистрирани цивилни жртви и повредени, уништени неколку згради. Ракетен напад кон северот на Израел, проектил експлодирал во морето во близина на Тел Авив. Сирени за напади и на Голанската Висорамнина, делови од пресретната ракета завршија и на окупираниот Западен Брег.
„Пораката е јасна. До секој кој им се заканува на граѓаните на државата Израел, ќе знаеме како да стигнеме, на југ, на далечни места. Овој напад беше подготвуван долго и беше изведен во вистинско време, на многу остар начин“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на израелската одбрана.
Авиокомпаниите треба да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец, соопшти Европската Унија. Од Вашингтон децидни, немаат вмешаност, ниту претходно известување, за нападот на Израел врз, како што вели израелската војска, централниот штаб на Хезболах.
„Сè уште собирам информации, можам да ви кажам дека Соединетите Држави немаа знаење или учество во акцијата на израелската одбрана. Мораме да дознаеме повеќе детали“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Зборував телефонски претходно со мојот колега во Израел, министерот Галант. САД не беа вклучени во операцијата на Израел. Немавме претходно предупредување. Мојот повик до министерот Галант се случи додека операцијата всушност веќе беше во тек. Неколку пати му реков, треба да се избегне целосна војна, а тоа е најбрзиот начин да се вратат раселените израелски и либански граѓани“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Се чини дека никој не може да го запре Нетанјаху ниту во Газа ниту на Западниот Брег, изјави шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел. САД и сојузниците претходно оваа недела предложија тринеделно примирје со надеж дека ќе се најде компромис меѓу завојуваните страни, но Израел го отфрли. Војната на Блискиот Исток се разгоре на 7-октомври лани, откако Хамас изврши напади на југот на Израел, при што загинаа над илјада цивили, а десетици беа земени како заложници.
Маријана Димовска
