Греење

Парното од 1 август ќе поевтини за десетина проценти!?

15.07.2014 16:29

Ако се има предвид дека новата цена се формира врз основа на ланските состојби, а имавме релативно топла зима, тогаш за очекување е цената да се намали...

Регулаторна ги прави пресметките за новата цена на парното. До крајот на месецов ќе излезе со конечниот есап, по што ќе биде познато колку ќе одвојуваме од џебот за да се грееме. Компаниите за производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија веќе ги доставиле барањата за одобрување регулиран приход. Ако се има предвид дека новата цена се формира врз основа на ланските состојби, а имавме релативно топла зима, тогаш за очекување е цената да се намали. Според некои првични проценки, од 1 август ќе плаќаме и за десетина насто пониски сметки.

Последната корекција на цената за парно греење се случи во август минатата година. Тогаш, најголемо поевтинување почувствуваа корисниците на „Балкан Енерџи груп“ – 2,82 процента, за корисниците на „Скопје – Север“ цената се намали за 2,12 , додека оние што се греат преку „ЕЛЕМ – Енергетика“ добија пониски сметки за 0,71 насто.

Граѓаните велат – поевтинување ќе биде добредојдено.

„Добро ќе биде ако се намали цената“

„Добро е ако поевтини парното. Сè што поевтинува е добро“

„Скапо беше. Цената и сега е висока. И за 10 проценти да се намали, повторно ќе биде висока“

„Ќе се вратат работите како порано“  велат граѓани за МТВ.

„Балкан Енерџи груп“ лани има произведено за околу 15 проценти помалку топлинска енергија. Наместо мазут, повеќе се користел гас, кој во минатата година дополнително поевтини. Последователно, било испорачано и помало количество топлинска енергија, а намалениот број корисници придонел за намалување и на ангажираната моќност. Конечната цена на парното греењето, што ќе плаќаме од август, ќе зависи и од трошоците за инвестициите што ќе ги прикажат компаниите.

Мартин Пушевски