Израелската војска распореди трупи во близина на границата со Либан
Блискиот Исток како буре барут по убиството на лидерот на Хезболах. Израелската војска распореди трупи во близина на границата со Либан. Продолжуваат и битките против Хамас во Газа. Над Црвено Море пресретнати проектили на јеменските Хути. Меѓународната заедница повикува на воздржаност. Одлуките што ќе ги донесат сите страни во наредните денови ќе ја обликуваат иднината на регионот, изјави американскиот државен секретар Блинкен...

Не стивнуваат воените дејствија на Блискиот Исток. Тел Авив е подготвен за копнена офанзива во Либан, израелски трупи се распоредени во близина на границата. Почнати се мали операции преку границата за отстранување на позициите на Хезболах. Во исто време, израелската армија продолжува со акциите во Појасот Газа, пресретнати ракети истрелани од јеменските Хути над Црвено Море. Премиерот Нетанјаху предупреди на тешки денови.
„Пред една година, на 7-ми октомври, нашите непријатели не нападнаа и мислеа дека Израел е на пат кон истребување. Година дена подоцна, удар по удар, достигнување по достигнување – сфаќаат каде исчезнале нивните надежи. Израел е во подем. Ние победуваме. Решени сме да продолжиме да ги удираме нашите непријатели, да ги вратиме нашите жители во нивните домови и да ги вратиме сите наши заложници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
По смртта на водачот на Хезболах, Хасан Насрала светот стравува од проширување на крвопролевањето. Братучедот на Насрала, Хашем Сафи Ел Дин е можен наследник на позицијата лидер на милитантната група поддржана од Иран. Според американскиот претседател Бајден, смртта на лидерот на Хезболах е мерка на правдата, Москва пак го осуди убиството на Насрала. Техеран побара итен состанок на Обединетите нации. Советот за безбедност и САД повикаа на деескалација. Меѓународната заедница бара воздржаност.
„Оваа ескалација нема да има позитивно влијание врз ниту една страна. Исто така, ризикува да има негативни реперкусии за целиот регион. Факт е дека е неопходно да се зачува стабилната на Либан и да се почитува неговиот суверенитет во согласност со меѓународното право и во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН. Ги повикуваме сите страни да покажат мудрост и воздржаност за да се избегне избивање на вистинска војна во регионот“, изјави принц Фајсал бин Фархан Ал-Сауд, министер за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија.
„Постои многу, многу реален ризик од сеопфатна регионална војна, која би влијаела не само на луѓето во регионот туку и на сите нас. Ова мора да заврши, и ова мора да заврши сега“, изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Одлуките што ќе ги донесат сите страни во наредните денови ќе ја обликуваат иднината на Блискиот Исток, тврди американскиот државен секретар Блинкен. Стејт департментот ги повика своите државјани да заминат од Либан, предупредувајќи дека сегашните ограничени опции за напуштање би можеле да станат недостапни доколку безбедносната ситуација се влоши. Авиокомпаниите треба да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец, соопшти вчера Европската унија.
„Можеби она што се случи вчера и сè уште се случува во јужните предградија на Бејрут и во голем број области е најдобар јасен доказ за реалноста на однапред смислените израелски цели. Ја обновуваме нашата посветеност на меѓународниот легитимитет и меѓународното право и бараме уште еднаш да работиме на запирање на израелската агресија“, изјави Наџиб Микати, привремен премиер на Либан.
Војната на Блискиот Исток се разгоре на 7-ми октомври лани, откако Хамас изврши напади на југот на Израел, при што загинаа над илјада цивили, а десетици беа земени како заложници.
Маријана Димовска
