Израелската војска изврши десетици нови напади против Хезболах, распоредени трупи во близина на границата со Либан
Блискиот исток како буре барут. Израел објави дека е ликвидиран уште еден командант на Хезболах. По убиството на лидерот Насрала, израелската војска распореди трупи во близина на границата со Либан. Продолжуваат и битките против Хамас во Газа. Милитантните групи ќе продолжат да му се спротивставуваат на Израел со помош на Техеран, тврдат иранските власти. Меѓународната заедница повикува на воздржаност …

Растат повиците за прекин на огнот на Блискиот Исток откако Израел најави дека офанзивата во Либан може да се прошири. Израелската одбрана почна операции преку границата за отстранување на позициите на Хезболах. Во исто време, продолжуваат и акциите во Појасот Газа, пресретнати ракети истрелани од јеменските Хути над Црвено Море.
„Пред една година, на 7-ми октомври, нашите непријатели не нападнаа и мислеа дека Израел е на пат кон истребување. Година дена подоцна, удар по удар, достигнување по достигнување – сфаќаат каде исчезнале нивните надежи. Израел е во подем. Ние победуваме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелските одбранбени сили тврдат дека уште еден висок функционер на Хезболах, командантот Набил Каук, бил убиен во воздушен напад врз Бејрут. По смртта на водачот Хасан Насрала, поддржувачите излегоа на масовни собири, прогласени се денови на жалост, подигнати црни знамиња. Милитантните групи ќе продолжат да му се спротивставуваат на Израел со помош на Техеран, тврдат иранските власт. Меѓународната заедница бара воздржаност.
„Оваа ескалација нема да има позитивно влијание врз ниту една страна. Исто така, ризикува да има негативни реперкусии за целиот регион. Ги повикуваме сите страни да покажат мудрост и воздржаност за да се избегне избивање на вистинска војна во регионот“, изјави принц Фајсал бин Фархан Ал-Сауд, министер за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија.
„Постои многу, многу реален ризик од сеопфатна регионална војна, која би влијаела не само на луѓето во регионот туку и на сите нас. Ова мора да заврши, и ова мора да заврши сега“, изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Стејт департментот ги повика своите државјани да заминат од Либан, предупредувајќи дека сегашните ограничени опции за напуштање би можеле да станат недостапни доколку безбедносната ситуација се влоши. Либанскиот премиер вели дека бројот на раселени поради тековните воздушни напади на Израел може да достигне еден милион.
„Бројот е многу голем и можеби достигнал околу еден милион луѓе, еден милион Либанци се преселиле од едно место на друго. Тоа е најголемото движење на раселување што можеби се случило во некој регион или во Либан“, изјави Наџиб Микати, привремен премиер на Либан.
Војната на Блискиот Исток се разгоре на 7-ми октомври лани, откако Хамас изврши напади на југот на Израел, при што загинаа над илјада цивили, а десетици беа земени како заложници.
Маријана Димовска
