70 години постоење на македонска филхармонија

15.07.2014 16:59

Македонската филхармонија е главен носител на афирмирањето на македонската култура...

Се одбележуваат 70 години од постоењето на македонската филхармонија, нејзиното создавање коинцидира и со развојот на македонската државност. Како музичка институција таа е главен носител на афирмирањето на македонската култура.

„Следуваат и убавите периоди со нашите македонски диригенти, како Ангел Шурев, Лекоски и други. Изведбите на македонските автори во земјата и странство“, вели Васил Атанасов, прв обоист.

Непосредно по ослободувањето на Скопје, па до денес, во Филхармонијата се менуваат повеќе диригенти на симфонискиот оркестар, чија концертна сала започна да се гради во 2010.

Далечната 1944 година започна со работа македонската филхармонија, а нејзини основачи се се врвнте музички имиња, Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски. По седумдесет годишно постоење, оваа институција конечно го очекува својот дом.

Континуираниот растеж на оркестарот е видлив низ збогатувањето на оркестарскиот репертоар, на чии настапи низ годините често се случуваат комични настани.

„Инструментот толку беше фалш и стар, од дедо Ное, што диригентот запре и вика, „колега дали вие ми свирите Де“. „Да, вика Маестро.“ „Ајде отсвирими Цис“. Тој проба Цис. Значи свири еден тон, па пак исто. „Дај ми Дис“. Ги испроба сите варијанти, и на крај му вели, „свири што сакаш, во ред е“, раскажува обоистот Васил Атанасов.

Со новиот адекватен концертен простор и следење на музичките трендови ќе започнат да се испишуваат нови страници во историјата на музичкото живеење.

Лука Андреев