БЛИСКИ ИСТОК

Расте стравот од сеопфатна војна

30.09.2024 08:13

Израел отвори нов фронт-напади врз целите на Хутите во Јемен, има и загинати. Расте стравот од сеопфатна војна. Претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека е недозволиво да избувне сеопфатна војна на Блиски Исток, во контекст на воените операции на Израел…

Израел ja продолжи офанзивата со напади на неколку локации во Либан, за кои Тел Авив тврди дека се упоришта на Хезболах, и во Јемен на места за кои тврди дека се упоришта на Хутите преку кои се шверцува иранско оружје. Има жртви и повредени.

„Немаме интерес да ја прошириме војната, немаме интерес да бараме дополнителни фронтови, но ако некој го нападне Израел, како што неодамна направија Хутите со проектили, секој што ќе изврши таков напад ќе ја расчистиме сметката со нив и знаеме како да го направиме тоа“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Претседателот Џо Бајден изјави дека ќе разговара со израелскиот премиер Нетанјаху и верува дека мора да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток … Од Белата куќа велат дека израелските воздушни напади во Либан ја избришале командната структура на Хезболах, но предупредуваат дека е можен одговор.

„Мораме да бидеме подготвени за некаков одговор. Мораме да се увериме дека сме подготвени. Веруваме дека ја имаме потребната сила во регионот, но во моментов не е јасно. Прерано е да се знае“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на Белата куќа.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху го назначи поранешниот ривал, Гидеон Сар, за член на неговиот кабинет во телото кое го надгледува управувањето со тековната војна меѓу Израел и Хамас.

Маријана Димовска