Европа

Ултрадесничарската Партија на слободата победи на изборите во Австрија

30.09.2024 08:27

Победничката партија на Херберт Кикл кампањата ја темелеше на антимигрантската политика, инфлацијата и војната во Украина, а се залага и за прекин на санкциите против Русија.

Ултрадесничарската Партија на слободата победи на парламентарните избори во Австрија со освоени 29,1 насто од гласовите. На второ место е Народната партија на канцеларот Карл Нехамер со поддршка од 26,2 процента. На трето место се Социјалдемократите со 20,4 насто од гласовите.

Победничката партија на Херберт Кикл кампањата ја темелеше на антимигрантската политика, инфлацијата и војната во Украина, а се залага и за прекин на санкциите против Русија.

„Продолжуваме да бидеме скромни. Но, забележав една работа, во Австрија има многу, многу итна желба за промени. И ќе има промена со Херберт Кикл“, изјави Кристијан Хафенекер, генерален секретар на Партијата на слободата.

Конечните резултати ќе бидат објавени денеска. За да стане Кикл канцелар на Австрија ќе му биде потребен коалициски партнер за мнозинство во Долниот дом на парламентот. Ривалите ја отфрлија можноста да работат со Кикл во владата.

„Со Херберт Кикл, кој верува во теории на заговор, кој ја обвинува СЗО дека е следната светска влада и оти состанокот во Давос е подготвителен состанок за доминација во светот – не можете да управувате со државата разумно и одговорно. Сè уште стојам на тоа“, рече Карл Нехамер, канцелар на Австрија.

Демонстранти синоќа масовно излегоа на улиците пред парламентот во Виена откако проекциите на националните избори покажаа дека Партијата на слободата се движи кон првата победа на крајната десница по Втората светска војна.