Сеуште нема детали од истрагата за хеликоптерската несреќа

15.07.2014 17:22

По пет дена од падот на полицискиот хеликоптер нема детали за истрагата. Од јавното обвинителство за МТВ информираат дека во тек е подигнување, обезбедување и селектирање на остатоците од хеликоптерот.

Надлежниот јавен обвинител ќе даде насока за натамошниот тек на истражната постапка.  По одлуката на комисијата ќе се знае дали обвинителството ќе отвори кривична истрага или случајот ќе го прогласи за несреќа, па нема да се бара кривична одговорност.

Од МВР посочија дека им ставаат на располагање се што моќе да им помогне.

„Во секој момент, сите припадници на министерството за внатрешни работи, вклучувајќи ги и членовите на Комисијата, му стојат на располагање на надлежниот јавен обвинител за сите проверки што би требало да бидат направени“, вели Иво Котевски, помошник на министерот за внатрешни работи.

Според податоците на МВР леталото било редовно сервисирано и одржувано според пропишаните процедури. Во регистарот на полициските воздухоплови на МВР е впишан во март 2009-тата. Опремен е со турбомлазни мотори, произведени во Украина, а со системи за ноќно летање, вградени од израелската компанија ЕЛБИТ. Од почетокот на експлоатацијата, хеликоптерот Ми17  имал 312 часа и 44 минути летања и исто толку часа работа на моторите. Направени се 1042 слетувања.

Последната проверка за техничката исправност е направена во мај годинава во воздухопловната бригада на АРМ. Приемот е направен наредниот ден без никакви забелешки за одредени проблеми со леталото или опремата.

Ресорната министерка Јанкуловска ден по несреќата изјави дека пилотите не се пожалиле на никакви проблеми за време на критичниот лет, а треба да се утврдува дали антенскиот столб на МРД бил прописно означен.

Рускиот производител ќе одлучува дали црните кутии ќе бидат испратени за преслушување и анализа на тамошни експерти или пак тие ќе дојдат со соодветна техника во земјава.   

Фиљана Кока