Две лица загинаа во пожар на грчкиот полуостров Пелопонез
Доцна синоќа им се загубила трагата на двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, кои, според грчките медиуми, тргнале да помогнат во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела...

Во големиот пожар, две лица го загубија животот во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а противпожарните сили цела ноќ се бореа со огнените јазици, додека утрово ситуацијата е подобрена, јави дописничката на МИА од Атина.
Доцна синоќа им се загубила трагата на двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, кои, според грчките медиуми, тргнале да помогнат во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела и веројатно се работи за исчезнатите, меѓутоа ќе следи и процес на идентификување.
Пожарот избувна вчера во близина на Ксилокастро, а поради силниот ветер брзо се прошири и зазеде големи размери. Интервенираат над 300 пожарникари со 15 пешадиски тима, 110 возила, како и пет авиони и четири хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.
