Ескалира кризата, Израел не запира со воздушни напади
Ескалира кризата на Блискиот Исток. Ситуацијата се доближува до точка од која нема враќање. Израел не запира со воздушните напади против Хезболах во јужен Либан, не се исклучува ниту копнена инвазија. Во удар врз центарот на Бејрут, убиен и лидер на Хамас. Проценките се дека милион луѓе веќе ги напуштиле домовите за да избегаат од војната…

Израелската војска ги прошири нападите врз милитантните групи поддржани од Иран. На повидок копнена офанзива во Либан. Интензивирани се воздушните напади врз упориштата на Хезболах. Во рациите во јужен Либан и во центарот на Бејрут загинаа висок функционер на Хамас и членови на друга палестинска терористичка група. Гранатиран и јеменскиот пристаништен град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците Хути, сојузници на Техеран. Продолжува битката и во Газа.
„Немаме интерес да ја прошириме војната, немаме интерес да бараме дополнителни фронтови, но ако некој го нападне Израел, како што неодамна направија Хутите со проектили, секој што ќе изврши таков напад ќе ја расчистиме сметката со нив и знаеме како да го направиме тоа“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Растат повиците за прекин на огнот. Од Белата куќа велат дека израелските воздушни напади во Либан ја збришале командната структура на Хезболах, но предупредуваат дека е можен одговор. Претседателот Бајден изјави дека ќе разговара со израелскиот премиер и верува дека мора да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток.
„Мораме да бидеме подготвени за некаков одговор. Мораме да се увериме дека сме подготвени. Веруваме дека ја имаме потребната сила во регионот, но во моментов не е јасно. Прерано е да се знае“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на Белата куќа.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху го назначи поранешниот ривал, Гидеон Сар, за член на неговиот кабинет во телото кое го надгледува управувањето со тековната војна меѓу Израел и Хамас.
„Промената на рамнотежата на силите носи со себе можност за создавање нови сојузи во нашиот регион, поради едноставна причина, затоа што победуваме. Нашите непријатели и нашите пријатели се враќаат за да го видат Израел каков што навистина е, силна земја, решителна земја, моќна земја“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Во овој момент важно е да се зајакне Израел, неговата влада и неговото единство и кохерентност. Затоа, се согласив со барањето на премиерот Нетанјаху да се приклучам на владата и да придонесам во нејзината работа во центрите за одлучување со моето искуство и способности“, рече Гидеон Сар, водач на Партијата Нова надеж.
Десетици роднини на заложниците држени во Газа протестираа пред домот на израелскиот премиер во Ерусалим барајќи договор за ослободување и прекин на војната кој почна лани на 7 октомври.
Маријана Димовска
