Победа на крајната десница на изборите во Австрија
Десничарските партии низ Европа се во сериозен политички подем. Потврда за тоа се и последните парламентарни избори во Австрија, каде првпат победи крајната десница, носена од гневот на избирачите кон инфлацијата и миграцијата. „Слободарската партија“ освои речиси 30 проценти од гласовите и зад себе ја остави конзервативната „Народна партија“, иако се очекува составувањето на владата да биде предизвик.

Националистичката идеологија доби најголема поддршка од австријците на последните парламентарни избори. Крајнодесничарската партија на слободата, формирана од поранешни нацистички ветерани и членови на ЕС-ЕС единицата, однесе 29 проценти од гласовите, освојувајќи 56 пратенички места во новиот парламентарен состав. Веднаш по неа се конзервативната партија со освоени 52 мандата и социјалдемократите кои имаа 41 пратеник. Почнува новата ера во Австрија, изјави во победничкиот говор лидерот на партијата за слобода, Кикл.
„Ја отворивме вратата за нова ера. Отсега заедно ќе го пишуваме ова ново поглавје во австриската историја. Народот е прв, а потоа канцеларот. За време на дискусиите со другите, не знам, тие беа во шок и се однесуваа како да не се случиле овие избори. Ќе им дадам уште два-три дена да се соземат. Дотогаш да се надеваме дека ќе се вразумат. Тоа би било и во нивен интерес“, изјави Херберт Кикл, лидер на Партијата на слободата
И покрај победата, прашањето за формирање стабилна коалиција останува неизвесно. Засега ниту една од партиите не е расположена да влезе во коалиција со контроверзната „Партија на слободата“. Шокот по исходот од неделните изборите – огромен.
„Со Херберт Кикл, кој верува во теории на заговор, кој ја обвинува светската здравствена организација дека е следната светска влада и оти состанокот во Давос е подготвителен состанок за доминација во светот – не може со државата да се управува разумно и одговорно. Сè уште стојам на тоа“, изјави Карл Нехамер, канцелар на Австрија.
Стотици демонстранти, не губеа време, излегоа на улиците во Виена, искажувајќи загриженост од подемот на нацистичката реторика по победата на крајната десница.
„Загрижена сум за демократијата, за нашата земја и за нашата иднина и иднината на нашите деца“, вели една демонстрантка.
„Видовме што се случи во 39-та година, се плашам дека тоа ќе се повтори“, рече друг демонстрант.
Но, можно ли е Европа да влегува во нова политичка ера. Не само Австрија, крајнодесничарите добија солидна поддршка и на последните избори во Холандија, Франција, Чешка, па и Германија.
Последната победа на „Партијата на слободата“, предизвика восклик кај европските десничарски партии. Бранот кој ја поддржува одбраната на националните интереси, за чувањето на идентитетот и суверенитетот, насекаде го потврдува народниот триумф, напиша по исходот од изборите во Австрија, најпознатата крајнодесничарка, лидерката на француската партија „Национален собир“, Марин Ле Пен.
Маја Стојанова
