Блиски Исток

Израел ги продолжи нападите против Хезболах, не се исклучува ниту копнена офанзива во јужен Либан

30.09.2024 13:48

Ескалира кризата на Блискиот Исток. По воздушните напади против Хезболах, Израел се подготвува за копнена инвазија. Во центарот на Бејрут убиен лидерот на Хамас во Либан. Милион луѓе ги напуштија домовите поради војната...

Израелската војска ги прошири нападите врз милитантните групи поддржани од Иран. На повидок копнена офанзива во Либан. Интензивирани се воздушните напади врз упориштата на Хезболах. Во рациите во јужен Либан и во центарот на Бејрут загинаа висок функционер на Хамас и членови на друга палестинска терористичка група. Гранатиран и јеменскиот пристаништен град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците Хути, сојузници на Техеран. Продолжува битката и во Газа.

„Елиминацијата на Насрала е многу важен чекор, но тоа не е сè. Ќе ги искористиме сите можности што ги имаме. За враќање на жителите од северот во нивните домови ќе бидеме подготвени да вложиме максимални напори. Ова е вашата мисија“, изјави Јоав Галант- министер за одбрана на Израел.

Вршителот на должноста лидер на Хезболах вети дека ќе продолжат да се борат со Израел и покрај тоа што голем дел од нејзината врвна команда беше ликвидиран, вклучително и лидерот Хасан Насрала. Иран со предупредување до Израел, ќе одговориме на вашите криминални дејства.

„Ние не бараме војна. Исламската Република Иран и иранскиот народ не бараат војна. Наместо тоа, тие се обидуваат да го консолидираат мирот и стабилноста во регионот. Во меѓувреме, против секој авантуристички потег или акција против нашата национална безбедност или интереси, нашите раце никогаш не биле или нема да бидат врзани“, изјави Насер Канаани- портпарол на МНР на Иран.

Растат повиците за прекин на огнот. Од Белата куќа велат дека израелските воздушни напади во Либан ја збришале командната структура на Хезболах, но предупредуваат дека е можен одговор. Претседателот Бајден изјави дека ќе разговара со израелскиот премиер и верува дека мора да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток.

„Мораме да бидеме подготвени за некаков одговор. Мораме да се увериме дека сме подготвени. Веруваме дека ја имаме потребната сила во регионот, но во моментов не е јасно. Прерано е да се знае“, изјави Џон Кирби - Совет за национална безбедност на Белата куќа.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху го назначи поранешниот ривал, Гидеон Сар, за член на неговиот кабинет во телото кое го надгледува управувањето со тековната војна меѓу Израел и Хамас.

„Промената на рамнотежата на силите носи со себе можност за создавање нови сојузи во нашиот регион, поради едноставна причина, затоа што победуваме“, изјави Бенјамин Нетанјаху- премиер на Израел.

„Во овој момент важно е да се зајакне Израел, неговата влада и неговото единство и кохерентност“, изјави Гидеон Сар- водач на партијата Нова надеж.

Десетици роднини на заложниците држени во Газа протестираа пред домот на израелскиот премиер во Ерусалим, барајќи договор за ослободување и прекин на војнатата кој почна лани на 7- ми октомври.

 

Маријана Димовска