Корупцијата е сè поприсутна во јавните набавки
41 процент од лицата задолжени за јавни набавки по државните институции сметаат дека во процесот честопати има корупција. Причините се лоцираат во политичките интереси, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации. Над половина од фирмите-учеснички во набавките сметаат дека има корупција, а 23 проценти од нив и лично се соочиле…

Поради политички интереси корупцијата е сè поприсутна и во јавните набавки, посочуваат вработени во државните институции кои биле дел од анализата на Центарот за граѓански комуникации. Според нивните тврдења, поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во јавните институции, а компаниите не веруваат дека набавките се фер и објективни, што според нив, овозможува исти играчи да учествуваат на пазарот.
Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари. Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 насто повеќе пари од претходната година, покажува истражувањето.
Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години.
Според Центарот за граѓански комуникации биле склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 насто повеќе од претходната година.
Викторија Милевска
