Груевски се спаси од затвор за набавката на „мерцедесот“
Поранешниот премиер Груевски нема да оди зад решетки за случајот со набавката на луксузниот „Мерцедес“. На 4-ти октомври му застарува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“...

Поранешниот премиер Никола Груевски нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, бидејќи на 4 октомври поминуваат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот мерцедес.
Според Кривичниот законик застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото, а во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува два пати по три години.
За истиот предмет поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја одлежа законската казна од 4 години, а поранешниот заменик министер Ѓоко Поповски одлежа 4, 6 години во затвор.
Измените на Кривичниот законик направени во септември лани ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери и нивни блиски соработници кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство.
Претходно на Груевски му застареа делата во предметите „ТНТ“ и „Траекторија“.
На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело кое што му застарува во 2043 година.
Марина Стојанова-Тонева
