Безбедност

МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација, порача Тошковски

30.09.2024 14:13

МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација на државата – министерот Тошковски уверува дека имаат капацитет да одговорат на заканите…

МВР е подготвено жестоко да одговори на секој обид за дестабилизација на земјата со цел граѓаните да се чувствуваат безбедно. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако интегративците на Ахмети по одржаниот состанок во Мала Речица се огласија на социјалните мрежи со напис и фотографија- „Ние сме подготвени и тука сме, дали сте вие подготвени?“

Без да биде конкретен дали МВР има сознанија дека нешто се подготвува, Тошковски вели дека полицијата има капацитет да одговори на предизвикот.

Според првиот човек на полицијата, обидите за подгревање на меѓуетничките тензии се реалност за која, како што вели, надлежните служби проследуваат информации.

По одлуката за раздвојување на Албанија и Македонија на евроинтегративниот пат и претседателот на Владата Мицкоски укажа дека се можни обиди за дестабилизација. Мицкоски и претходно рече дека ДУИ есенва подготвува дестабилизација на земјава, на што интегративците одговорија дека ќе ги искористат демократските алатки за како што велат, да се почитува волјата на мнозинството Албанци по последните парламентарни избори.

Анита Димитријевска – Велковска