Култура

Љутков- Вујовиќ: Унапредување на соработката во областа на културата

30.09.2024 14:22

На средбата, како што информираат од ресорот култура, министрите се согласија дека соработката во областа на културата меѓу двете држави е на одлично ниво, со можности за нејзино унапредување...

На маргините на Вториот министерски состанок на управувачките платформи на Западен Балкан, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари билатерална средба со својата колешка, министерката за култура и медиуми на Црна Гора, Тамара Вујовиќ.

На средбата, како што информираат од ресорот култура, министрите се согласија дека соработката во областа на културата меѓу двете држави е на одлично ниво, со можности за нејзино унапредување. Во тој контекст беше истакнато и значењето на потпишаната Програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот 2023 – 2026 година, која ќе овозможи интензивна соработка, особено на полето на музичко-сценската дејност и во филмската дејност.

Министрите се согласија дека репродуктивни уметници и ансамбли редовно гостуваат на позначајните фестивали и манифестации во двете земји. Со оглед на тоа што во Црна Гора сè уште не се воспоставени одредени институции, министерот Љутков предложи гостувања на сродни институции од земјава, со што ќе се овозможи претставување на македонската култура и традиција во Црна Гора.

Љутков и Вујовиќ споделија и свои мислења околу начинот на функционирање на министерствата, при што министерот Љутков ја информираше министерката Вујовиќ за проширувањето на надлежностите на Министерството во областа на туризмот, стои во соопштението.