САД

Ураганот „Хелен“ предизвика катастрофални поплави во САД

30.09.2024 14:42

Бурата „Хелен“ предизвика огромни штети и зеде десетици жртви во Флорида, Џорџија, северна и јужна Каролина и Вирџинија. Властите стравуваат дека бројот на загинати ќе расте додека спасувачките тимови го расчистуваат теренот...

Езера полни отпад, откорнати покриви, расфрлани гранки и дрвја, уништени домови и животи-се санираат последиците од историското невреме кое го погоди југоистокот на САД. Бурата „Хелен“ предизвика огромни штети и зеде десетици жртви во Флорида, Џорџија, северна и јужна Каролина и Вирџинија. Сè уште се трага по голем број исчезнати. Властите стравуваат дека бројот на загинати ќе расте додека спасувачките тимови го расчистуваат теренот.

„Тоа е трагично. Всушност, се обидуваме да го добиеме точниот број. Мојот советник за федералната агенција за управување со вонредни ситуации е на терен во Флорида во моментов. Има разлика помеѓу броевите што ги користеше агенцијата и оние што се прикажуваат од страна на локалните жители“, изјави Џозеф Бајден - претседател на САД.

Излеаната вода, урнатите далноводи го изолираа тешко погодениот град Ешвил во северна Каролина. Милиони домаќинства се без струја, а голем број жители и натаму под закана од поплави.

„Условите на терен остануваат крајно опасни, иако поплавите продолжија да се намалуваат, сè уште има многу надојдени реки. Патиштата се оштетени. Има паднати далноводи. Ќе продолжиме со напорите да ги спасиме луѓето. Процесот на потврда за смртните случаи е долг и комплициран“, изјави Вил Реј - директор на службата за управување со итни случаи во северна Каролина.

Гувернерот на Флорида ги обиколи загрозените подрачја додека жителите на заедницата се обидуваат да се вратат во нормала.

„Бранот бура поплави многу од овие домови, и очигледно ќе треба многу работа за луѓето да се вратат на нозе“, изјави Рон Десантис - гувернер на Флорида.

„Кога водата надојде заминавме до највисоката точка во градот. Набљудувавме како сè се распарчува на делови. Тоа е. Сега ќе ги извадам чамците од реката и ќе ги донесам овде, повторно ќе ја изградиме нашата продавница за ракчиња и ќе продолжиме понатаму“, изјави Тими Фуч - жител на Флорида.

Бурата „Хелен“ во четвртокот удри на брегот на Флорида како ураган од четврта категорија, намалувајќи го интензитетот до посттропски циклон кој исфрли неверојатни количества дожд на југоисточното крајбрежје.

 

Бојана Крстевски