Труење

Најдоцна до утре се очекува да бидат готови резултатите од брисевите од кујната во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“

30.09.2024 14:54

Од што се затруја 140 ученици во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од скопски Аеродром, треба да го покажат анализите од земените брисови во кујната, од каде добиле топол оброк и десерт...

Најдоцна до утре се очекува да бидат готови резултатите од анализите кои треба да ја покажат причината поради која 140 деца од прво до трето одделение од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ имаа симптоми на труење. По добиените резултати ќе бидат преземени соодветни мерки. Во исчекување се и од училиштето, директорот вели дека сите деца кои во петокот отсуствуваа од настава денеска се вратиле во клупите, а нови случаи нема.

„Сè уште ги чекаме информациите, ги чекаме извештаите од надлежните институции. Можам да констатирам дека денеска сите ученици се во училишните клупи и наставата се одвива без застој“, изјави Александар Филипчев – директор на ООУЃорѓија Пулевски“.

Сите деца имаа слични симптоми- болки во стомакот, повраќање и дијареја. Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ја затвори кујната која го снабдува училиштето со храна и издаде забрана за работа до добивањето негативни резултати. Се анализираат пет примероци од храна, четири бриса од работните површини и четири бриса од вработените.

Издадени се мерки за чистење на објектот, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и спроведување вонредни здравствени прегледи на вработените во кујната.

Од Инспекторатот велат дека при вонредниот надзор утврдена е задоволителна санитарно-хигиенската состојба.

Сепак, резултатите од земените примероци од храна и брисови од работните површини треба да ја покажат причината поради која се појави труењето кај децата. Симптомите ги добиле откако во четвртокот во училишната кујна јаделе мусака, а по ручекот имале десерт бомбици.

 

Андријана Ѓурческа