Лични документи

Дваесет жители на Шуто Оризари сè уште не ги добиле првите лични карти

30.09.2024 14:55

Дваесет од вкупно 30 жители на Шуто Оризари кои се здобија со првиот извод на родени, не можат да ја добијат својата прва лична карта. Чекаат веќе шест месеци. Од МВР со став – дел од лицата се одбиени бидејќи не биле најдени на наведената адреса...

Беа стигматизирани поради немањето единствени матични броеви, сега велат пред камерите на МТВ, се изложени на големи непријатности поради доцнењето на добивањето на првите лични карти. Од надлежните полициски станици, службените лица кои треба да ги проверат дали живеат на таа адреса, не доаѓаат, па и тогаш кога ќе одат да ги потсетат дека ги чекаат, за да може да си извадат лични карти. Немањето на документот им оневозможува пред сè, лекување, образование, вработување и слободно движење.

Од Министерството после извршените проверки за дел од лицата, велат дека биле одбиени поради тоа што не биле најдени на наведената адреса.

Од невладината „Амбрела“ која постојано е на терен со овие лица, велат дека согласно законот, почнатата управна постапка не се прекинува сè додека не се најде лицето на адресата. Тие нема да ги запрат активностите додека лицата не ги добијат личните карти. Ќе поднесат претставки до внатрешна контрола бидејќи се сомневаат во непрофесионализам од страна на полициските службеници кои требале да ги направат проверките.

 

Фиљана Кока