вработувања

Се стопираат огласите со „балансерот“

30.09.2024 19:35

Стопирани огласите за вработувања во институциите по етнички клуч. Министерството за администрација издаде насоки до конечната одлука на Уставниот суд да се замрзне користењето на алатката „балансер“. Ќе се чека судиите да се изјаснат по сомнежите дека со наведување на припадноста на заедниците на кандидатите им се нарушува начелото на стручност и компетентност …

Се стопираат огласите со алатката „балансер“, со која еден од условите беше вработување по етнички клуч. Сега ќе се чека конечната одлука на Уставниот суд, Министерство за администрација издаде насоки до институциите. Ова не важи за кандидатите каде не се бара етникум.

„Започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор продолжува, ако јавниот оглас за вработување во институција не е изготвен согласно актите односно одредбите кои се опфатени во точка 1 од Решението на Уставниот суд (т.е. во јавниот оглас не се наведува припадност на заедница ниту пак кандидатот се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница)“, велат од Министерството.

Во меѓувреме по насоките испратени од Министерството, реагираа поранешни функционери од ДУИ. Ексминистерот Крешник Бектеши смета дека се работи за нов скандал со кој се укинува „балансерот“.

Додека да се одлучи дали „балансерот“ е уставен или не, до тогаш тој ќе биде замрзнат, а тоа предизвика политички превирања и реакции, особено од партиите на Албанците во опозиција.

Во меѓувреме, најавено е донесување нов закон за правична застапеност, кој ќе го замени „балансерот“.

Преиспитувањето на „балансерот“ го поднесе Антикорупциска, со образложение дека со неа се нарушува начелото на стручност и компетентност на кандидатите.

 

Борис Грујоски