100 дена влада

Мицкоски ќе даде отчет за првите 100 дена од мандатот

01.10.2024 08:01

При изборот на новата влада, премиерот најави силна борба против корупцијата, економски мерки во интерес на граѓаните и реформи во судството...

Премиерот Христијан Мицкоски ќе даде отчет за првите 100 дена од мандатот. Според најавите, ќе ги презентира проектите и мерките, но и предизвиците со кои се соочува државата, пред сè во евроинтеграциите.

При изборот на новата влада, Мицкоски најави силна борба против корупцијата, економски мерки во интерес на граѓаните и реформи во судството.

Меѓу активностите што го одбележаа работењето на Владата, покрај транзициите на функционерските позиции и ребалансот на Буџетот, се и задолжувањето од половина милијарда евра од Унгарија, од кои средства ќе се реализира повикот за финансирање инфраструктурни проекти на општините, како и поддршка на стопанството.

Исто така и линеарното зголемување на пензиите што стартува од денеска во износ од 2.500 денари, а за уште толкав износ пензионерите ќе имаат покачување и од март следната година, како што е предвидено во неодамна донесените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Покрај борбата против криминалот и корупцијата и реформите во судството и во администрацијата што ги ветува Владата, меѓу предизвиците остануваат и високите цени на храната, за што неодамна донесе одлука за ограничување на профитните бруто маржи на 73 прехранбени производи, а се очекуваат пониски цени и со Законот за забрана на нефер трговски практики, што беше донесен пред шест месеци.

На внатрешно-политички план актуелен предизвик е Предлог законот за бранители, што предизвика превирања меѓу коалициските партнери, а на полето на евроинтеграциите минатонеделната одлука за одвојување на Албанија од државава на европскиот пат, односно одложувањето на стартот на преговорите до исполнување на обврската за уставните измени.

Евроинтеграциите остануваат меѓу клучните приоритети, уверуваат од коалицискиот партнер „Вреди“.