Во штипската Клиничка болница вграден првиот стент
Штипските лекари го вградија првиот стент на 54-годишен пациент со тежок срцев удар. Брзата интервенција била пресудна за спас на животот на пациентот. Годишно во штипската болница се прегледувата околу 3.000 пациенти од источниот регион со кардио-васкуларни проблеми...

Лекарите од Штипската клиничка болница го вградија првиот стент на пациент со тежок миокарден инфаркт.
„Беше донесена одлука пациентот веднаш да биде префрлен во операциона сала , каде што беше изведена интервенцијата. пациентот беше вратен на интензивна нега, следен во период од 24 часа со сосдветна медикаментација, по што ќе биде префрлен на одделение“, изјави д-р Сашко Николов, кардиохирург.
Брзата интервенција била пресудна за спас на животот на 54-годишниот човек.
„Кога имаме акутен инфаркт за животот одлулуваат минути. Пациентот немаше да издржи и да преживее транспорт до Скопје“ појасни д-р Александар Стојановски, директор на Клиничка болница- Штип.
„Благодарение на краткиот период на собирање на тимот во рок од 20 минути и брзата интервенција која не траеше повеќе од еден час од моментот на настанување на инфарктот, пациентот беше спасен“, изјави д-р Марјан Јовев, специјалист-интернист.
Ангиографијата и можноста за вградување на стентови во штипската болница почна да се применува пред неколку месеци. Ова за болницата значи зголемено ниво на услуги, а за пациентите подобра здравстевна заштита.
„На овој начин се спасувата животи, општеството има голем бенефит. Најнапред луѓето преживуваат и се работоспособни, семејството нема да се грижи за нивно лекување, а државата штеди лекови и медицински материјал“, смета директорот на Клиничката болница, Штип.
Годишно, на Интерното одделение во Штип се згрижуваат околу 5.000 пациенти од источниот дел на државата, од кои околу 3.000 се со кардио-васкуларни проблеми.
Оливера Жежова
