БЛИСКИ ИСТОК

Израелската војска започна со копнени операции против Хезболах во Либан

01.10.2024 08:29

Израел не запира со воздушните напади против Хезболах во Јужен Либан, војската започна и со ограничени копнени операции. Меѓународната заедница бара договор за итен прекин на огнот…

Израел почна со ограничени копнени операции против Хезболах во Либан. Армијата вели дека ја почнува следната фаза, среде глобалните барања да запре теренската операција. Во исто време, либанската армија најави дека се повлекува од границата бидејќи израелската одбрана прогласи затворена воена зона во некои погранични области.

Од Стејт департментот велат дека се информирани за тековните активности на Тел Авив. Претседателот Бајден предупреди на можните последици и повика на итен прекин на огнот.

„Свесен сум за плановите на Израел, но мислам дека тие треба да престанат“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Ние го поддржуваме правото на Израел да се брани од тероризмот, а тоа вклучува и изведување на бруталните терористи како Хасан Насрала пред лицето на правдата. Во исто време, на крајот сакаме да видиме дипломатско решение што обезбедува долгорочна безбедност за народот на Израел, народот на Либан и палестинскиот народ, како и за поширокиот регион“, нагласи Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Ситуацијата дополнително се влоши откако Израел изврши воздушни напади во централниот дел на Бејрут. Градот беше нападнат за првпат во речиси 20 години. Повици за деескалација пристигаат од сите страни. Населението масовно се евакуира.

„Оружјето сега треба да се замолчи, а зборовите на дипломатијата треба да зборуваат и да ги слушнат сите. Секоја понатамошна воена интервенција драматично би ја влошила ситуацијата и таа мора да се избегне. Ние сме многу загрижени за ризикот на конфликтот низ регионот и ги повикуваме нашите партнери да покажат воздржаност“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Ги забрзавме нашите дипломатски разговори за да ги запреме нападите на Израел. Меѓународната заедница повеќе не може да молчи пред израелскиот насилник кој го запали целиот регион“, нагласи Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

„Сè уште има надеж, но времето е кратко. Затоа го повикувам Израел да се воздржи од какви било копнени упади и да воспостави прекин на огнот. Го повикувам Хезболах да го стори истото и да се воздржи од каква било акција што може да доведе до регионална дестабилизација“, додаде Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Претходно, премиерот Нетанјаху предупреди дека нема каде на Блискиот Исток, Израел не може да стигне. Му се обрати директно на иранскиот народ и ги обвини лидерите во Техеран дека го угнетуваат населението.

„Тираните на Иран не се грижат за вашата иднина, но кога Иран конечно ќе биде слободен и тој момент ќе дојде многу побрзо отколку што мислат – сè ќе биде поинаку. Народот на Иран треба да знае – Израел стои со вас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Покрај конфликтот во Либан, Израел изврши воздушни напади и врз пристаништата во Јемен, контролирани од Хутите. Продолжуваат и битките во Газа, каде што лани на 7 октомври почна војната на Блискиот Исток, по нападот од Хамас врз Јужен Израел.

Маријана Димовска