Блиски Исток

Израел ја започна операцијата „Северни стрели“, реакции од меѓународната заедница

01.10.2024 09:54

Израелската армија потврди дека ја стартувала следната фаза од војната. Претседателот Бајден предупреди на можните последици и повика на итен прекин на огнот. Продолжуваат и битките во Газа, жртви и повредени во напад врз бегалски камп во централниот дел...

Израел почна ограничени копнени напади против Хезболах во Либан. Армијата потврди дека ја стартувала следната фаза од војната. Операцијата „Северни стрели“ ќе продолжи според проценката на ситуацијата и паралелно со борбите во Газа и во другите арени, стои во соопштението на Израелската одбрана.

„Имаме голема привилегија да ја испишеме историјата. Како што го направивме тоа во Газа, да го сториме истото и овде на север. Ова е фундаментално прашање бидејќи од 2006 година не сме маневрирале во Либан“, изјави командант на единицата Егоз, потполковник.

Од Стејт департментот велат дека се информирани за тековните активности на Тел Авив. Претседателот Бајден предупреди на можните последици и повика на итен прекин на огнот.

„Свесен сум за плановите на Израел, но мислам дека тие треба да престанат“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Ние го поддржуваме правото на Израел да се брани од тероризмот, а тоа вклучува и изведување на бруталните терористи како Хасан Насрала пред лицето на правдата. Во исто време, на крајот сакаме да видиме дипломатско решение што обезбедува долгорочна безбедност за народот на Израел, народот на Либан и палестинскиот народ, како и за поширокиот регион“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Повици за смирување на тензиите пристигаат од сите страни. Населението масовно се евакуира.

„Секоја понатамошна воена интервенција драматично би ја влошила ситуацијата и таа мора да се избегне. Ние сме многу загрижени за ризикот на конфликтот низ регионот и ги повикуваме нашите партнери да покажат воздржаност“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Меѓународната заедница повеќе не може да молчи пред израелскиот насилник кој го запали целиот регион“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

„Сè уште има надеж, но времето е кратко. Затоа го повикувам Израел да се воздржи од какви било копнени упади и да воспостави прекин на огнот. Го повикувам Хезболах да го стори истото и да се воздржи од каква било акција што може да доведе до регионална дестабилизација“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Покрај конфликтот во Либан, Израел изврши воздушни напади позиции во Јемен, контролирани од Хутите. Продолжуваат и битките во Газа, жртви и повредени во напад врз бегалски камп во централниот дел. Тројца цивили загинаа, а деветмина се ранети во израелски напад врз сириската престолнина, Дамаск. Државните медиуми објавија дека воздушната одбрана пресретнала непријателски цели над областа три пати по ред во една ноќ.

 

Маријана Димовска