Ескалира кризата на Блискиот Исток, меѓународната заедница со повици за прекин на огнот
Израел почна копнена инвазија на југот на Либан. Испратено предупредување до либанските граѓани да бидат внимателни, во регионот се водат жестоки борби. Воздушна тревога над централен Израел. Јеменските Хути со беспилотни летала ги нападнаа израелските воени позиции во Тел Авив и Вилат. Меѓународната заедница со повици за прекин на огнот.

Израел е решен да им стави крај на милитантните групи, Хамас, Хезболах, Хути. Одбраната почна со копнени напади врз Хезболах во Либан. Операцијата „Северни стрели“ ќе продолжи според проценката на ситуацијата и паралелно со борбите во Газа и во другите арени, стои во соопштението на Израелската војска.
„Хезболах е најголемата недржавна армија во светот, а јужен Либан е преполн со терористи и оружје. Ако државата Либан и светот не можат да го оддалечат Хезболах од нашата граница, ние немаме друг избор освен да го направиме тоа самите. Нашата војна е со Хезболах, а не со народот на Либан“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Над централен Израел активирани сирените за воздушна тревога. Јеменските Хути со беспилотни летала ги нападнаа израелските воени позиции во Тел Авив и Еилат. Стејт Департментот е информиран за тековните операции, претседателот Бајден повика на итен прекин на огнот.
„Свесен сум за плановите на Израел, но мислам дека тие треба да престанат“, рече американскиот претседател, Џо Бајден.
„На крајот сакаме да видиме дипломатско решение што обезбедува долгорочна безбедност за народот на Израел, народот на Либан и палестинскиот народ, како и за поширокиот регион“, порача Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Повици за смирување на тензиите пристигаат од сите страни. Населението масовно се евакуира.
„Ние сме многу загрижени за ризикот на конфликтот низ регионот и ги повикуваме нашите партнери да покажат воздржаност“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Меѓународната заедница повеќе не може да молчи пред израелскиот насилник кој го запали целиот регион“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
„Сè уште има надеж, но времето е кратко. Затоа, го повикувам Израел да се воздржи од какви било копнени упади и да воспостави прекин на огнот. Го повикувам Хезболах да го стори истото и да се воздржи од каква било акција што може да доведе до регионална дестабилизација“, порача францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро.
Хезболах и јеменските Хути секојдневно го напаѓаат Израел од октомври минатата година и почетокот на војната Газа меѓу Израел и Хамас.
Маријана Димовска
