Министерство за култура

Љутков: Културните и креативните сектори се основа за мобилност меѓу земјите од Западен Балкан

01.10.2024 11:57

Министрите за култура од Западен Балкан дискутираа за предизвиците и иницијативите поврзани со: заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство како ресурс за инклузивен, економски и одржлив развој, потребата за градење капацитети и професионални вештини во оваа област, особено во однос на управувањето со ризикот во време на климатски промени.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска учествуваше на тркалезната маса посветена на културните и креативните сектори, а во рамките на министерската средба посветена на управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука, истражување и иновации и култура.

Министрите за култура од Западен Балкан дискутираа за предизвиците и иницијативите поврзани со: заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство како ресурс за инклузивен, економски и одржлив развој, потребата за градење капацитети и професионални вештини во оваа област, особено во однос на управувањето со ризикот во време на климатски промени.

Културното наследство и неговото ставање во функција на одржлив економски и социјален развој, според Љутков, отвора низа можности за соработка и размена на знаења и искуства меѓу Западен Балкан и Европската Унија.

Министрите за култура разменија информации и искуства и за успешните иницијативи поврзани со регионалната соработка и мобилност на уметниците и културните професионалци, а воедно ги изнесоа и своите предлози за регионална и европска соработка.

Како предуслов за поширока соработка на уметниците во регионот, вклучувајќи ја и нивната мобилност, беше посочена поголемата афирмација и користење на поволностите што произлегуваат од потпишувањето на билатералните договори. Во тој контекст, беше потенцирано и значењето на програмата „Креативна Европа“ и нејзините иницијативи и акции „Ај-портунус“, „Културата ја движи Европа“ и „Изведбена Европа“, но и на европските мрежи кои подетално ги третираат прашањата поврзани со мобилноста.

Во однос на мобилноста на уметниците, Љутков ја потенцираше и важноста од прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година.

Според Љутков, Министерската конференција е уште една потврда дека регионот на Западен Балкан и евроинтегративните процеси се високо во агендите на актуелните и на идните политики на Европската Унија.