Продолжи судскиот процес против Мерко за незаконското поставување директори
Во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување на директори во четири училишта. Сведоците велат трпеле притисоци и мобинг од поставените директори да потпишуваат документи…

Продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување на директори во училиштата. Исказ даваше секретарката на основното училиште од Велешта, која кажа дека трпела мобинг од директорката. Под притисок била принудена да потпише потврда дека директорката Егзона Шеи имала петгодишно работно искуство.
„За повреда на работно место пријавив во трудовиот инспекторат и полицијата“, сведочеше секретарката Кумриша Хани.
Дека директорката била незаконски поставена потврди и Државниот просветен инспекторат. Таа биде вработена како наставник во време кога била апсолвент на Филолошкиот факултет.
„Именувана е без искуство од пет години, а воедно претходно не била вработена во редот на вработените во школото. Била на замена на три месеци во 2016 година, вработена како педагог, но до тој период сè уште немала диплома. Нејзината плата во целост е исплатена за целиот период од нејзиното именување во рок од година и пол со што е направена штета оти се исплатени на лице коешто не ги исполнува условите“, изјави Валнеса Бизаки-Дилали, обвинител.
Обвинителството го спори вештачењето на техничкиот советник ангажиран од одбраната кој тврди дека со исплатените плати, нема оштетување на буџетот.
„Со ова се докажува дека е оштетено школото, бидејќи истиот не е законски избран за в.д. директор и да ја зема таа сума“, рече обвинителот Џемал Лога.
Обвинителството го товари Мерко за незаконско назначување директори во четири училишта. Во Основниот суд во Струга, се водат две засебни судски постапки, обвинети се уште тројца вработени за „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправи“.
Соња Рилковска
