Мицкоски: Евроинтеграциите остануваат главна цел, но без срамни отстапки
Зголемувањето на пензиите, проширувањето на позитивната листа на лекови, странски инвестиции. Што сработи новиот владин состав во првите 100 дена? Евроинтеграциите остануваат главна цел, но без срамни отстапки, порача Мицкоски.

Повеќе од 100 започнати и реализирани проекти, за 2.500 денари зголемени пензии, бесплатни учебници, проширена позитивна листа со 87 генерички лекови. Мицкоски со отчет за сработеното за првите месеци од мандатот. Новите странски инвестиции, како и 250 милиони евра поддршка за општините – наведени меѓу клучните успеси на владата.
Мицкоски дециден, кадровски грешки имало, но тие се исправени по реакција на граѓаните. Сега е задоволен од работата на кабинетот. За да оди државата напред, вели премиерот, потребна е силна опозиција со која ќе има натпревар на идеи.
Членство во ЕУ да, но не по секоја цена. Мицкоски вели дека Владата нема да преземе чекори кои се спротивни на националните интереси и кои водат кон понижување и срам. Според него, апсолутно е можно да се стане полноправна членка на Унијата со крената глава.
Откако владата не доби ниту еден предлог за реформирање на правосудството, во соработка со експертите ќе се работи на акциски план кој ќе значи промени и зголемена доверба во судството и обвинителството.
Анита Димитријевска – Велковска
