Марк Руте ја презеде функцијата нов генерален секретар на НАТО
180 километри со својот велосипед возел од Хаг до Брисел за да ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО. Поранешниот холандски премиер Марк Руте го замени Јенс Столтенберг, кој беше на функцијата 10 години...
Во време кога во Украина војната трае две и пол години и кога конфликтот во Израел ги премина границите со инвазијата во Либан и Сирија, историчарот и долгогодишниот холандски политичар Марк Руте ја презеде функцијата политички шеф на Алијансата. Пред Руте, со прекар „Тефлон Марк“ поради маестралната способност да ги надмине недоразбирањата на кревката политичка сцена во Хаг, се исправени повеќе предизвици. Покрај Русија и Кина, внатрешната кохезија со европските сојузници во однос на Украина, Руте, поранешен премиер во четири холандски влади со 14 години владеење, ќе биде и врска со новиот шеф на Белата куќа, чиј избор е за неполни пет недели.
„Со сите со кои зборував во Америка, на страната на републиканците или на демократите, исто како во Европа, е разбирливо-доколку Русија победи во Украина, ако Путин го добие она што го посакува, тогаш тоа на крајот ќе значи дека нашата безбедносна состојба станала многу тешка“, изјави Марк Руте-генерален секретар на НАТО.
Столтенберг, чиј двократен осумгодишен мандат беше продолжен за две години поради Украина, вети дека овојпат заминува од Брисел. Не пропушти да укаже на проширувањето на Сојузот, меѓу кои и е Македонија.
„Го зајакнавме НАТО како институција. Семејството на сојузници и партнери се зголеми. Црна Гора, Македонија, Финска и Шведска и се придружија на нашата Алијанса. И Украина е поблиску до НАТО од кога и да било“, изјави Јенс Столтенберг-поранешен генерален секретар на НАТО.
Столтенберг му подари на Руте викиншки воен чекан од Исланд и потсети на принципот на солидарноста меѓу сојузниците во НАТО. Претходникот и наследникот изразија почит на загинатите војници и офицери во досегашните мисии на Алијансата.
Зоран Богатинов