Економија

Средба на директорот на Фондот за ПИОСМ, Мемов со Мисијата на ММФ

01.10.2024 18:57

Соработката со меѓународниот монетарен фонд може да придонесе во изнаоѓањето на решенија за подобро функционирање на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување...

Директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе.

На состанокот стана збор за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.

Шефот на Мисијата, Анет Кјобе рече дека во фокусот на нивното интересирање во оваа посета на земјата се плановите за наредната 2025 година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем.

Директорот Мемов, ги запозна членовите на мисијата како функционира пензискиот систем и начинот на кој се врши усогласувањето на пензиите, а се задржа и на последната мерка на владата за зголемување на пензиите од 2.500 денари сега и следната година кога ќе се исплати мартовската пензија. Тој рече дека во тек се повеќе активности за подобрување на функционалноста на Фондот, за што се работи и на проект со Светска банка.

Мемов потенцира дека во наредниот период ќе биде изготвена анализа за причините за дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, а до владата ќе бидат доставени краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите. Тој рече дека тоа е во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници.

Шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Кјобе рече дека тие во извештајот што ќе го подготват во февруари следната година ќе ги дадат своите препораки и сугестии, меѓу кои и оние за пензискиот систем.

На крајот од средбата беше изразено задоволството од остварената средба и надеж дека соработката ќе биде на задоволство на двете страни.