Блиски Исток

Иран го нападна Израел со ракети

01.10.2024 19:21

Иран го нападна Израел со ракети. Сирени се огласија низ земјата, граѓаните во засолништа. Ударот од Техеран доаѓа откако Тел Авив почна копнена инвазија на југот на Либан. Меѓународната заедница со повици за прекин на огнот...

Иран истрела ракети кон Израел-соопшти израелската одбрана. Ги повика Израелците да останат во близина на засолништата. Велат дека нападот би можел да биде од широк опсег. Ударот од Техеран доаѓа откако силите на Тел Авив почнаа со копнени операции против Хезболах на либанска територија.

„Сериозно ја следиме заканата. Ја замолуваме јавноста да ги следи упатствата на домашната команда. Нападот од Иран би можел да има широк опсег. Од вас се бара да влезете во заштитено подрачје и да останете таму додека не ве известиме поинаку“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.

Претходно до јавноста се обрати и израелскиот премиер. Рече дека неговата земја се бори против иранската оска на злото, од народот побара обединета борба до победа.

Од вас барам две работи-првата е строго да се почитуваат директивите на командата на фронтот, тоа спасува живот. И второ – да останеме цврсто обединети во наредните денови. Заедно ќе стоиме, заедно ќе се бориме и заедно ќе победиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

За време на воените рации на првиот ден по копнениот упад на либанска територија, израелската одбрана тврди дека минала без отпор од Хезболах. Уништени се илјадници локации на милитантите, вклучително тунели и складишта за оружје. Стејт департментот е информиран за тековните операции, претседателот Бајден повика на итен прекин на огнот. Деескалација и дипломатско решение побара и Велика Британија.

„Свесен сум за плановите на Израел, но мислам дека тие треба да престанат“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Ни треба дипломатско решение за проблемите во Либан за да можат Израелците и Либанците да се вратат во своите домови. сакаме да видиме политичко решение и итен прекин на огнот“, изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.

Додека повиците за смирување на тензиите пристигнуваат од сите страни, населението масовно се евакуира. Ракетирањата долж сината линија продолжија. Израел тврди дека извршил уште еден прецизен воздушен напад врз Бејрут во близина на иранската амбасада.

 

Бојана Крстевски