ЕБОР со позитивна оценка за деловните и инвестициските можности на Македонија

15.07.2014 18:24

Потпретседателот на ЕБОР Фил Бенет и регионалниот директор на Југоисточна Европа, Клаудио Виезиоли посочија дека со капиталните инвестиции се создаваат услови за поефективно надминување на последиците од глобалните економски предизвици и се овозможуваат услови за економски раст и развој...

Капиталните инвестиции што ги реализира Владата и деловната и инвестициска клима во Македонија позитивно се оценети од делегацијата на ЕБОР која денеска во Скопје оствари средба со премиерот Никола Груевски. 
 
Потпретседателот на ЕБОР Фил Бенет и регионалниот директор на Југоисточна Европа, Клаудио Виезиоли посочија дека со капиталните инвестиции се создаваат услови за поефективно надминување на последиците од глобалните економски предизвици и се овозможуваат услови за економски раст и развој.
 
Досегашната соработка меѓу Македонија и ЕБОР, како што информира владината прес- служба, е оценета како позитивна и истакната е заложба за продолжување на реализацијата на заедничките проекти, особено во делот на инфраструктурата.
 
Премиерот Груевски информирал за економските политики што се спроведуваат, особено потенцирајќи ги заложбите за отворање нови работни места, привлекување странски инвестиции и нови капацитети.
 
На средбата станало збор и за можноста за искористување на поволни финансиски инструменти кои во следниот период би биле пласирани од страна на ЕБОР, а наменети за малите и средните претпријатија во Македонија. Договорено е претставници на ЕБОР во текот на следната недела да извршат презентација на можностите и условите во врска со овие финансиски инструменти пред претставници на македонските компании.
 
Разговарано е и за поголемо промовирање на можностите што ги нуди воспоставувањето на моделот на јавно-приватно партнерство, особено во делот на инфраструктурата, како опција за ефикасна алокација на ресурсите и задоволување на потребите и на јавниот интерес.