Амбулантите полни, бројките на болни деца растат
Атипични предизвикувачи на пневмонии го влошуваат здравјето на децата, неопходно е болничко лекување. Таргет група-учениците од 6 до 12 години...

Температурите надвор паѓаат, бројките на болни деца растат, велат од детската клиника „Козле“. Атипични предизвикувачи на пневмонии го влошуваат здравјето на децата, неопходно е болничко лекување. Таргет група-учениците од 6 до 12 години.
„Тоа се тие микоплазми, легионели, кламидии коишто во овој период ги има кај нас во поголема бројка или се со белодробни наоди. Таа клиничка слика на почеток делува како една обична настинка, наликува на грип, може да биде со фебрилност со болки во грлото, да го засегне горнореспираторниот тракт, па потоа и долнореспираторниот, што значи дека доаѓаат веќе во една поодмината фаза“, вели д-р Мирјана Поповска.
Учениците се најбројни, но и помалите имаат потреба од лекарска помош, па и хоспитализација, поради дехидрираност.
„Ентеровирозите, односно стомачните вируси се сè уште присутни, ги имаме во поголем број, а најчесто засегнати се дечињата до една година бидејќи кај нив брзо настапува дехидратацијата и тоа побарува хоспитален третман“, додава д-р Поповска.
На почеток од есента капацитетот во болницата е две третини пополнет. Докторката Поповска вели и порано било вака и оти нема простор за паника, стартот на училишната година и враќањето на малите во градинка си го направи своето.
Околу 150 деца за 24 часа бараат лекарска помош во амбулантите во „Козле“. 60-тина деца се хоспитализирани.
Наташа Јанчиќ-Менковски
