Култура

Културните установи оставени на забот на времето

02.10.2024 12:32

Националната опера и балет е во очајна состојба. Објектот се крпи со донации. И ова не е само случајот со НОБ. Надлежните ветуваат дека ќе се преземат мерки.

Најстарата културна институција во земјава со години била заборавена. Во очајна состојба се влезот, ателјето, просториите за уметниците. Националната опера и балет често била полна со вода поради старата кровна конструкција, a одамна не свети и ѕвезденото небо. Новото раководство преку донации, спонзорства и свои средства реновираше дел од установата. На неколку недели од стартот на новата сезона, директорот Арсовски најави крупни зафати.

Министерот Љутков вели дека состојбата во културните установи е очајна и таму каде што биле распишувани тендери за да се подобри состојбата не било преземено ништо. Како пример ја посочи зградата на македонскиот народен театар.

Љутков информираше и дека зградата на поштата ќе биде реновирана и ќе стане мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје европска престолнина во 2028.

 

Викторија Милевска